Зошто сакам да го учам и работам ова?

зошто сакам да работам data science

Драг читателу или можеби е подобро да речам драг иден научнику? 😉 Ме запозна накратко во првото поглавје од моето животно и Data Science патешествие, но мојата приказна има мнooогу поглавја, полна е со научени лекции и искуство (и да бидам искрен, со работи кои уште не можам да ги одгатнам), со ликови, со мене, со луѓето што ми значат. Во овој момент имам личен предизвик, бидејќи најтешко е да пишуваш објективно за себе – се фаќам како се обидувам да се сетам, да заборавам, да опишам и да скријам работи што сакам да ги заборавам. Веројатно е природно… Како и да е, овде се наоѓаат работи на кои се сеќавам и сакам да ги споделам. Има тука тешки лекции, неисполнети очекувања, збунетост, но во ова поглавје сакам да ви раскажам за тоа зошто сакам да учам и да работам Data Science.

Уште како малечок (веројатно како и многу други деца), сакав да бидам разни „кул“ нешта: возач на формула (колку само трки изгледав навивајќи за Шумахер и Маса), астронаут (ова некако и тогаш ми се чинеше дека е малку така потешко за реализација) и секако, хакер (филмовите немаат врска со реалноста, just saying). Со мојот личен раст, растеа и бројот на идеи за иднината (сакам да бидам ова или она, имаше опции, милион желби), но ништо не ми беше сигурно. Проблемот? Сé се чинеше интересно, но кога малку ќе сфатев што е позадината на тоа, губев интерес. Веројатноста нешто да ми ја задржи желбата беше вистина мала, премногу често се случуваше да ме заинтригира, а потоа да ми ја изгуби суштината. 

Претходно посочив, како помал сакав да пресметувам веројатности. Тоа беше една нишка што ја имаше постојано во мојот живот, на еден или друг начин. Ако се присетам на своето образование на почетокот можам слободно да речам дека долго време го следев само тоа во што бев добар – програмирање и математика и се надевав дека тоа ќе ме понесе во правилната насока. Така и стигнав до ФИНКИ, не знаејќи на што сакам да се фокусирам. Незаинтересиран и без насока што можам да ја следам, паднав многу предмети додека времето си го губев играјќи игри, гледајќи филмови и „спиејќи“ по социјални мрежи. Не ме сфаќајте погрешно, јас сè уште го правам ова (гејминг, филмови, социјални мрежи), но тогаш ми беа дефокус, зашто во реалноста не можев да си го трасирам патот. Има и еден страв кој те зафаќа во тие моменти, си мислиш никогаш нема да дознаеш што сакаш да правиш, годините ќе поминат и ти ќе правиш едно големо ништо! Сега, кога знам што правам овие нешта се мое хоби и обожавам да споделувам мислења за нив. Сè си има место и смисла кога си таму каде што сакаш да си во животот.

Назад кон моите факултетски денови. Многу од предметите кои ги паѓав и презапишував можеа да ми бидат интересни и да ме влечат да ги учам, но не им дадов прилика. После една цела падната година и многу разговори со блиски и сакани, се решив да дадам повеќе од себе. Свесен сум кога можам повеќе и искрено свесен сум за потенцијалот што го имам во себе (не ме бива за сè, но за некои нешта особено ме бива, како и секој човек на овој свет). Дадов ветување дека ќе учам сé во идните семестри, дека нема повторно да паднам предмет и дека ќе видам што навистина ми се допаѓа. Како и кога бев помал, математиките генерално ми одеа супер и ги положив речиси сите задолжителни математики во една година, освен една: Веројатност и статистика (оние што го имаат полагано на ФИНКИ, му ја знаат и репутацијата).

Со надимаците „Најтежок предмет на ФИНКИ“ и „Еј брат колку пати го презапиша ВиС?“, само што го запишав предметот веќе бев преплашен од него. Бев спремен за неверојатно тежок, неверојатно досаден предмет….ииии бев позитивно изненаден! Предметот ми беше навистина многу тежок, но беше најинтересната математика која некогаш сум ја учел! Беше вистинска, применлива за бескрајно многу вистински проблеми во било која сфера и секоја решена задача во предметот ми претставуваше задоволство. Го положив на првиот испит на кој го полагав и дојде време за практичниот испит: Полагање во R. За тие што не знаат, R е програмски јазик, наменет за статистичка обработка на податоци. 

Кога прв пат го вежбав овој програмски јазик и гледав како се исцртуваат корелациите и графиците, повторно се заљубив, а со тоа и тука го имав мојот прв заклучок: Јас што и да работам во иднина, ќе биде со графици. Како мал мислев дека такви графици цртаат само луѓето кои продаваат чудни продукти што ги имам гледано по телевизија (океј, знам во овој момент си мислиш, како мал овој Red Hood многу работи погрешно ги мислел), но сега јас самиот ги засакав!

Вториот заклучок ми дојде од предметот Вештачка интелигенција, предметот што го учев со најмногу љубов и посветеност. Тренирање модел, за тој после да постапува како што си го истренирал, но различно во различна околина ми даваше неверојатно чувство на исполнетост и задоволство, какво што никоја друга форма на програмирање и решавање задачи не ми нудеше. Така што вториот заклучок ми беше: Кога ќе работам во иднина, сакам да тренирам модели.

Можете тогаш да го сфатите моето изненадување и среќа кога наскоро дознав за професија што ги вклучува двете нешта, односно Data Science. Секој момент на учење на Data Science беше нов предизвик, секое предзнаење беше помош да ги поминам предизвиците и цело време ми беше толку интересно колку што си замислував. Го учам ова затоа што го сакам, го работам ова за да можам да го правам тоа што го сакам. Се надевам дека и во иднината, секое ново знаење, предизвик и конечно решение ќе ме исполнуваат со истото ниво на среќа како и до сега.

На едно многу лично ниво би рекол – детето што не можеше да се пронајде, за кое можеби други изгубија надеж или им предизвикуваше фрустрација, сега е навистина среќно. Со ова нема да го сменам целиот свет, но ќе сменам делче од него, од мојот свет. Всушност, јас преку ова се променив и пронајдов себе. А тоа го сметам како лична победа.

 

До следното читање,

Вашиот Red Hood!


Chapter 1: Како почна сè…

Од нашиот блог