„Предизвиците ми помагаат да се надградувам“

pr-aleksandar-birdevski-blog

Математиката и планинарењето му се голема љубов, вели дека е голем фан на содржините на Нетфликс, навивач е на Милан и е личност која многу го сака она што го работи (особено во моментите кога треба да примени математика). Во минатото, Александар одреден период се пробал и во дигиталниот маркетинг, но не се пронашол во ова поле, а затоа пак сосема се пронаоѓа во работата како BI Developer во тимот на Data Masters.

Со него разговаравме за неговиот кариерен развој, едукацијата, почетоците со Data Masters, проектите и неговите афинитети за иднината.

 

Една од првите нешта што ги посочуваш за себе е дека си голем вљубеник во математиката, всушност имаш и одено на натпревари. Колку ти недостига тоа време кога своето знаење го тестираше на овој начин?

Јас и сега на некој начин постојано го тестирам своето знаење (преку работата). Да бидам попрецизен, математиката не ми недостига, бидејќи јас всушност и сега секојдневно ја применувам во својата работа, но со носталгија гледам на тие натпреварувања, на духот на времето и другарувањата. Ако го тргнам тоа настрана, во рамки на работата ние секојдневно се среќаваме со различни предизвици и барања, за чии решенија мора да смислуваме нови пристапи, нови одговори.

Мојот став е дека математиката учи на упорност, ја развива логиката (нешта што според мене се и најважни во оваа област во која работам) и создава мотивација за решавање на секој проблем. Преку неа покрај упорноста и логиката, секако се поттикнува и настојувањето да се биде точен во работата и резултатите, но и љубопитноста.

 

Имаш студирано телекомуникации. Зошто одбра да го изучуваш токму тоа?

Отсекогаш сум сакал да учам како да користам нови технологии и алатки и да развивам иновативни идеи. Тоа и ме насочи кон студирање инженерство, а телекомуникациите ми го понудија токму тоа што го посакував. Телекомуникациите се составен дел од современиот деловен свет. Компаниите ширум светот го искористија напредувањето на технологијата за револуција на нивното секојдневно работење.

Студирањето телекомуникации ми ги отвори вратите за понатамошно насочување кон повеќе различни сектори, а јас се решив да се фокусирам кон BI.

 

Приказната со Data Masters започнува преку обуките од нашата Академија, кои всушност придонесоа да се запознаеме со тебе и талентот што го поседуваш. Навраќајќи се на тој период, каков ти беше првиот впечаток за она што го изучуваше на обуките?

Најпрво морам да кажам дека размислував и многу порано да ги посетам обуките од Data Masters Academy и гледано од денешен аспект, многу ми е жал што сум чекал и не сум бил одлучен во тие моменти. Најпрво ја посетував обуката „Анализа и визуелизација на податоци преку Python“, а потоа и обуката за Business Intelligence.

Морам да напоменам, предавањата беа одлично организирани, помалку (доволно) теорија, а повеќе примери и вежби, што според мене е и најдобар начин да се разберат нештата. Предавачите (кои сега се мои колеги) секогаш гледаа на наједноставен начин да ни објаснат, сè со цел да разберат сите, без разлика дали некој има или нема предзнаење од таа област. Затоа морам да ги пофалам Кате, Даниела, Арбен и Мартина за начинот на кој ни предаваа. 🙂

 

Кој дел од материјалот на обуките ти беше најинтересен за изучување и совладување?

И за двете обуки не можам да потенцирам само еден дел кој мене лично ми бил најинтересен, едноставно, ако те интересираат тие области, сè што се предава ќе ти биде интересно и со нетрпение ќе го чекаш секој нареден час, предавање. Можам само да кажам дека отсекогаш повеќе сум ги сакал примерите и вежбите, отколку теоријата.

 

Од друга страна каков ти е впечатокот сега, кога наученото го применуваш на проект? Во што се крие најголемиот предизвик во работното секојдневие?

Она што најмногу ми се допаѓа во Data Masters е тоа што преовладува тимскиот дух, колегите се секогаш тука да ти помогнат и несебично да ти го пренесат своето знаење. Најголемиот предизвик е тоа што секојдневно се среќавам со нови и различни проблематики, па при нивното решавање се развива логиката, се учат нови работи и се надградува знаењето. Накратко, јас ги сакам предизвиците – ми помагаат да се надградувам.

 

Што те привлече за да го изучуваш, а потоа и да работиш во полето на Business Intelligence? 

Би рекол фактот што е мошне просперитетно поле, во кое може да се изгради кариера и постојано да се напредува. BI е гранка која е од суштинско значење за донесувањето одлуки кај сите компании. Преку увидот на податоците се откриваат трендови, можности, проблематични области и информации што ја обликуваат иднината на бизнисите. Сето ова од една страна нуди можност за компаниите да напредуваат и да бидат пред конкуренцијата, додека на индивидуално ниво е можност за градење на успешна кариера исполнета со нови предизвици.

 

На каков вид на проекти би сакал да работиш во иднина?

Од овој аспект, би сакал во иднина да работам на проект кој ќе опфати обработка на податоци во малопродажба. Сакам тоа да бидат проекти кои ќе бидат предизвикувачки особено во делот на трансформација на податоците и целокупната логика за претворање на “хаосот” во структурирана хармонија, сè со цел да се извлечат најкорисните информации и главните индикатори врз чија база се носат клучните одлуки.

 

Koи програми и алатки е потребно да се совладаат како основа за да се има соодветно предзнаење за работа во полето на BI? 

Според мое мислење, најважни се логиката и разбирањето на податоците, секако тука е и креативноста при креирањето на извештаите. Потоа, треба да се има познавање на SQL и алатки за визуелизација на податоците, како и да се разбере ETL процесот (Extract, Transform, Load).

 

Што би им препорачал на оние кои размислуваат да го направат првиот чекор кон изучување и работа во BI?

Оваа област е во сè поголем тренд и при извршување на секојдневните работни обврски постојано се учат нови, корисни работи и се надградува знаењето. Би им препорачал воопшто да не се двоумат, да не се откажуваат при првите предизвици и пречки, бидејќи за сè постои решение. Живееме во ера на интернетот, кога сè е лесно достапно таму, само треба да се има желба. Секако тука се и предавачите од Data Masters кои преку своите обуки на најлесен начин успеваат да им го предадат своето знаење на сите заинтересирани.

Од нашиот блог