fbpx

„Потенцијалот на Data Science допрва ќе се почувствува“ – Коста Секуловски, стипендист на Data Science академија

 

Коста Секуловски е еден од студентите што успешно ја помина селекцијата за доделување на стипендии на нашата Data Science академија 2020/21 со врвни резултати. Особено сме горди што во своите академски редови имаме ваков талент - дипломиран електро инженер на ФЕИТ кој од скоро време е посветен на Data Science. Со него поразговаравме за мотивацијата да стане дел од нашата академија, неговите почетоци и потенцијалот што тој го гледа во Data Science како и разјаснување на дилемите што постојат за неа.

Од електро инженер до иден Data Scientist. Што те мотивираше да го насочиш вниманието кон оваа област и кое е твоето поле на интерес?

Не очекував дека патот ќе ме однесе накај програмирањето, но случајно прочитав статија за тоа како може да се поврзат Data Science и енергетиката, па решив да почнам да го изучувам ова поле со надеж дека некогаш ќе можам да го имплементирам едното во другото.

Ти си еден од двајцата кои добија целосна стипендија на нашата академија во генерацијата 2020/21. Какво предзнаење поседуваш од областа на Data Science и кои се твоите очекувања од академијата?

Пред да почнам со академијата немав некое големо предзнаење од оваа област, но откако почнав за кратко време воочувам напредок и понатаму ќе се вложувам уште повеќе. По завршување на академијата очекувам да имам довлно знаење за да можам да работам во тоа поле и да се надоградувам уште повеќе.

Кој беше твојот прв допир со Data Science? Како ги започна првите чекори?

Најпрво започнав сам да учам онлајн. Тешко ми беше бидејќи никогаш немав изучувано програмски јазик. Читав книги, статии и гледав видеа за полесно да можам да ја сфатам логиката и поентата на кодовите. Сега следејќи ги предавањата на академијата многу ми е полесно да го разберам материјалот.

Во кои области сметаш дека Data Science може да има значително влијание? Кое од нив тебе лично ти е предизвик?

Data Science има примена во многу области и има значително влијание во секоја од нив. Според мене моментално најмногу влијание има во Business analysis, но со тек на време ќе се развива сè повеќе и повеќе и ќе има многу поголемо влијание во секоја област каде што се користи. Мене лично предизвик ми е да научам и да можам да го искористам знаењето од полето на Data Science во енергетиката.

Гиганти како Google, Amazon, Netflix веќе подолг период ја користат моќта на Data Science, но нејзиното значење веќе наидува на широко прифаќање и имплементација во различни сектори. Мислиш ли дека нејзиниот потенцијал допрва ќе се почувствува во светски рамки?

Да, дефинитивно. Data Science е ново поле и допрва следи негово уште поголемо развивање и промовирање.

Постои еден вид тенденција сè што е ново, моќно и во тренд да биде предмет на заблуди. Дали имаш чувство дека и Data Science на моменти е погрешно интерпретирана и дали има дилеми кои би сакал да ги разјасниш на оние што имаат погрешна претстава за неа?

Мислам дека е така бидејќи генерално гледано програмирањето е актуелна тема и има отворено многу работни места во таа област, без луѓето претходно да размислат околу тоа што поточно од светот на програмирањето ги интересира и дали ги интересира. Би им препорачал на сите што сакаат да се насочат во овој правец прво да разгледаат какви сè гранки има во програмскиот свет, па потоа да одлучат. Да не се впуштаат колку да учат нешто само затоа што истото е актуелно.

Што сметаш дека треба да поседува еден добар Data Scientist?

Да има познавање од полето на веројатност и статистика, калкулус и линеарна алгебра, програмски вештини, разбирање и справување со нецелосни податоци, графичко претставување на податоците и машинско учење.

Луѓето отсекогаш сакале да ѕирнат во иднината, а благодарение на Data Science веќе почнуваат да се реализираат проекти како што се автономни автомобили, предикција на болести и нивна превенција, итн. Која е твојата предикција за следните 10 години – што мислиш дека ќе се реализира како резултат на примената на Data Science?

Мислам дека процесот на извршување на секојдневните обврски на луѓето ќе биде многу олеснет. Тоа ќе биде една од поедноставните работи кон кои ќе придонесе Data Science според мене. Секако дека ќе има голем резултат во секое поле каде што се користи.

Која е твојата препорака за оние што сакаат да ја изучуваат оваа област?

Да не се плашат од предизвикот. Ова поле како и секое друго бара многу труд и работа, но ова е иднината и секогаш е добро да се вложува во неа.