fbpx

Netflix, што да гледам следно?

Netflix, што да гледам следно?

Од компанија со неколку вработени, до светски гигант кој е прв синоним за филмска содржина и серии. Се разбира, зборуваме за Netflix, сервис кој има достигнато толкава популарност, што е прв избор на над 150 милиони корисници во околу 190 држави во светот и воедно го трансформираше начинот на кој се консумирaaт филмови и серии. Времињата во кои се чекаше епизода секоја недела се минато и ако некогаш постоеше скептицизам дека не е возможно толку многу содржина да се произведе во ситуација кога гледачите брзо ја консумираат, Netflix покажа дека тој скептицизам е неоправдан, менувајќи ја играта и поставувајќи нови правила во бизнисот. 

На почетокот...

Netflix е основан во 1997 година во Калифорнија од страна на Марк Рендолф и Рид Хејстингс (кој има изучувано вештачка интелигенција на Стенфорд). Во тоа време (кога всушност и технологијата беше на друго ниво) Netflix функционирал преку бизнис модел на изнајмување на DVD филмови кои корисниците ги нарачувале на страната на Netflix и им стигале на адреса, а по гледање на филмовите истите ги враќале назад преку пошта.  

Корисниците можеле да го задржат филмот што го изнајмиле колку што сакаат, но друг филм не можеле да изнајмат додека не го вратат тој што е веќе кај нив. 

Одлуката да одат со овој пристап Рендолф и Хејстингс ја донеле откако самите ја тестирале, односно си пратиле преку пошта DVD филмови и откако виделе дека истите стигнале во совршена состојба одлучиле (барем на почетокот) да функционираат по тој бизнис модел. 

Колку за споредба со бројките што сега ги има постигнато Netflix (над 150 милиони претплатници во 190 земји), во 1998 година оваа компанија имала неколку вработени и околу 1.000 DVD наслови за изнајмување. 

Историја на системот за препорачување содржини

Ако се направи краток осврт, ова се неколку клучни моменти од самите почетоци на Netflix:

  • 1997 година - основање на компанијата
  • 1998 година - создаден е сајтот на компанијата и истата почнува со изнајмување на содржини преку сајтот
  • 1999 - воведена е месечна претплата за неограничен број на изнајмени содржини
  • 2000 - воведен е систем за препорачување на содржини

И се разбира овде е најинтересниот дел за нас. Во 2000 година Netflix го воведува системот за персонализирана препорака на содржини, кои се базирале на основа на рејтингот што корисниците го давале за филмовите. 

И како расте бројот на претплатници така и нештата добиваат поголема димензија. Поточно во 2006 година веќе стига до бројка од 5 милиони претплатници и ова е годината кога Netflix ја воведува „Netflix prize“, која нуди еден милион долари на оној што ќе изнајде алгоритам за предвидување на рејтинг на содржини, врз основа на рејтинзите што ги давале корисниците за филмови дотогаш, без притоа да поседува ниту една друга дополнителна информација поврзана со корисниците и филмовите.

За таа цел компанијата објавува 100 милиони анонимни филмски рејтинзи дадени за над 17.000 филмови од страна на 480.000 корисници (ова е рејтинг во кој филмовите се отценуваат од една до пет ѕвездички). До ден денес, ова е ненадмината објава на сет на податоци од овој вид. 

Наградата ја освојува тимот "BellKor's Pragmatic Chaos" во 2009 година.

Како функционира системот за препорачување на содржина?

Гигантот навремено предвиде дека ќе се случи една работа - односно дека другите играчи на пазарот ќе сфатат дека ова е вистинскиот модел на сегашноста и иднината и дека поради тоа ќе сакаат да земат дел од колачот повлекувајќи ги содржините од Netflix за да ги стават на свои стриминг сервиси. Но, затоа и навремено Netflix почна да создава оригинална содржина (House of Cards, Stranger Things, The Witcher се само мал дел од нив) и почна и да освојува награди за истата. Сепак, несомнено она што ги задржува луѓето е токму алгоритмот за препорака на содржини (за ова зборува тоа што 80% од прегледаните содржини доаѓаат токму од препораките на сервисот). Машинското учење има огромен придонес во успехот на Netflix и само ќе се усовршува. 

Зошто е тоа така?

Клучно за задржување на претплатниците покрај квалитетната содржина, се препораките. Со избор од над 15.000 содржини, многу лесно може да се изгубите во мноштвото и да немате трпение да кликате и барате за да најдете нешто за себе. Постојат статистики дека Netflix има временски прозорец од 90 секунди пред корисникот да го напушти сервисот и тука на сцена стапува системот за препорачување на содржина. Сте забележале, на пример, дека некогаш и постерите за содржините се менуваат иако се работи за истиот филм или серија? Ова не е случајно.

Сегашниот алгоритам за препорака на содржини на гигантот му овозможува да задржи корисници кои на годишно ниво му носат милијарда долари од претплати. Битката веќе не е за нови, туку во голема мера е за задржување на корисниците за да не преминат кај конкурентите. 

Системот за препорака е развиен од стотици инженери кои имаат анализирано податоци за навиките на корисниците. Штом се претплатите на сервисот почнува и патот до персонализација: сервисот ве прашува за наслови што би сакале да ги гледате, а потоа секако ги учи вашите навики. Затоа, после гледање на одредено шоу или филм, добивате препораки за слични.  

Во системот за препорака влегуваат различни видови на информации како: историја на гледани содржини, видови на категории, наслови, жанрови, корисници што имаат сличен вкус на вашиот, на каков уред ја прегледувате содржината, во кој дел од денот/неделата се прегледува содржината итн.

Моќта на визуелното претставување

Како што споменавме погоре, фотографиите што Netflix одбира да ви ги прикаже токму вам за да ви го привлече вниманието кон одреден филм или серија не е воопшто случајно. Сликата треба да го убеди корисникот дека таа содржина одговара на неговиот вкус и за секоја нова содржина Netflix тестира неколку видови на фотографии што им ги прикажува на корисниците и според резултатот, одбира која ќе ви ја прикаже вас. 

Што следи во иднина?

Има едно прашање што создава доста полемики - дали сервисoт ќе ја отвори вратата за приказ на реклами? Во овој момент, една од работите кои корисниците ја сакаат е што не се бомбардирани со реклами кога гледаат содржина, но имајќи ја предвид публиката и алгоритмот за препознавање на навиките на корисникот, ова е отворено прашање кое има голем потенцијал. 

Нема дилеми дека брендовите веднаш ќе сакаат да се присутни таму, но Netflix е сè уште внимателен затоа што една погрешна одлука, би можела да значи загуба на голем број на корисници. 

CEO-то на компанијата Рид Хејстингс, во неколку наврати има нагласено дека не се заинтересирани за нешто такво.

„Кога ќе прочитате шпекулација дека сме одлучиле да продаваме рекламен простор, бидете сигурни дека се работи за лага“ - вели Хејстингс.

А сепак, не може да не се запрашате дали Netflix во иднина ќе воведе нов вид на рекламирање и ќе го револуционизира и овој сегмент.