fbpx

„Квалитетот е најдобар таму каде што има специјализација“

Martin Martinoski

Мартин Мартиноски е личност со големо работно и едукативно искуство во своето портфолио. По вокација економист, својот едукативен пат го има крунисано со MBA на Универзитетот Шефилд, додека професионално имал неколку професионални ангажмани во различни домени. Изминативе 10 години е дел од РКЕ (Регулаторна комисија за енергетика) во улогата на раководител на сектор. 

Во разговор со него ни посочи дека правилната употреба на податоците, нивната обработка и градењето на предиктивни модели во делот на енергетика е клучно, особено кога се работи за формирање на цените. Прочитајте го интервјуто во кое Мартин го опишува својот професионален и едукативен пат, мотивот да го надгради своето знаење во делот на податоците, како и осврт на сегашната состојба и идните предизвици што треба да се решат со помош на податоците во секторот енергетика. 

 

Своето образование го имате комплетирано во рамки на Економскиот факултет во Скопје, на отсек економија. Што е она што ве привлече кон оваа наука и колку самата работа во ова поле ви помогна да ја согледате нејзината примена?

Кога се запишав на Економскиот факултет во Скопје немав најјасна претстава во што влегувам, освен што во гимназија ми одеше математика и имав одредени подготовки во тој домен. Претставуваше некој hype во тоа време да се студира на Економски. Веројатно и денес има голем интерес за овој факултет. Како и да е, во текот на студиите посебно внимание и интерес ми привлекоа предметите каде што се изучуваа макроекономските парадигми, теореми и принципи, особено во доменот на државната регулација, потоа политиките на технолошки развој, управувањето со системи, економиката на животната средина, на јавниот сектор...Тоа што го стекнав за време на студиите како теоретска основа, денес е дел од инструментариумот кој го применувам во мојата работа. 

 

Знаењето го имате доусовршено во рамки на Универзитетот Шефилд стекнувајќи се со MBA на отсек маркетинг. На кој начин Шефилд ве подготви за идните предизвици и какви се вашите сеќавања од студирањето на овој престижен универзитет?

Постдипломските студии на Универзитетот Шефилд ми овозможија да се стекнам со огромно практично искуство во доменот на реалните деловни и организациски предизвици од аспект на стратешко планирање и управување, финансиски менаџмент, информациски системи итн., при што посебен фокус избрав да биде маркетингот. Проектите кои ги изработив за време на студиите и врз чија основа во најголем дел се оценуваше успехот, претставуваа реални анализи поткрепени со lit reviews и наоди од квалитативни/квантитативни истражувања за различни практични проблеми од секојдневното работење во тој период од мојата кариера. Вештините и знаењата кои ги стекнав за време на студиите на Шефилд беа и сè уште се од непроценливо значење за мојот професионален развој. 

 

Споредбено земено, колку пазарот на труд за економистите се промени во периодот од вашето студирање до овој момент и кои нови вештини се неопходни да се совладаат за да се биде конкурентен во денешните услови?

Секој релевантен бизнис зависи од достапноста на квалитетна анализа на податоци за самиот бизнис и неговото опкружување. Со развојот и широката примена на информатичките технологии се зголеми и обемот на достапни податоци кои се релевантни за било која компанија или организација. За разлика од пред 20 или 25 години кога вештините повеќе се базирале на одредени теоретски сознанија или модели, а пресметките во најголем дел се правеле на дигитрон, денес економистите треба постојано да ги зајакнуваат своите знаења за самостојна анализа на податоци преку користење на различни IT алатки. Тоа подразбира дека знаат што сакаат да пресметаат и до какви сознанија да дојдат, но техничкиот дел како да се направат пресметките и анализите е подеднакво важен и тука е потребна постојана надградба. 

Понапредното користење на Excel веројатно се смета за некоја основа, а на тоа може да се надополнат познавања за управување со SQL бази, исклучително брзо и ефикасно анализирање податоци на пример со програмскиот јазик Python, како и користење современи алатки за анализи и презентација како што е Power BI. Така што, треба постојано учење, ако се сака ефектот од работата да биде колку што е можно повеќе excellence и релевантен. 

 

Речиси 10 години сте дел од РКЕ и сте имале прилика да ги согледате промените во пазарите на енергија во Македонија. Кои се најзначајните промени во поглед на обработка и користење на податоци кои се имаат случено во овој домен во изминатава деценија?

Македонските пазари на енергија, особено пазарот на електрична енергија, се во континуиран процес на реформа во изминатите 15-тина години. При тоа целта е да се постигнат функционални слободни пазари на големо и мало, а истовремено да се овозможи и соодветна заштита на потрошувачите. Како што процесот на либерализација напредува, така расте и потребата за навремени и точни информации за движењата на пазарите, не само кај самите пазарни учесници и оператори, туку и кај РКЕ како регулаторно тело. Оттука е потребно постојано да се инвестира во унапредување на системите за прибирање, обработка и размена на податоци за функционирањето на пазарите на енергија, со што се овозможува и стабилност во снабдувањето со енергија. 

 

Во рамки на РКЕ, вие сте на позицијата на раководител на Секторот за мониторинг, истраги и прекршоци. Кои одговорности се дел од вашата позиција и колку имплементацијата на Регулативите од ЕУ влијаат на промените во вашиот сектор?

Главниот фокус на тоа што го работам во моментот започна во 2016 година кога се екипира Секторот за мониторинг. Клучните активности се однесуваат на развој и одржување на систем за континуирано прибирање, складирање и анализа на податоци од енергетските компании кои се лиценцирани од РКЕ, а целта е да се откријат и процесираат евентуални неправилности во нивното работење, нарушување на конкуренцијата, манипулативни однесувања и злоупотреби на пазарни позиции, како и да се зајакне самата транспарентност во енергетскиот сектор преку објавување на детални анализи и наоди. Овој систем беше развиен и континуирано се надградува во соработка со Институтот за преносни електроенергетски системи во рамки на ФЕИТ. 

Квалитетната анализа на податоци е и од суштинско значење за правилно спроведување на европските регулативи во доменот на транспарентноста и интегритетот на пазарите на големо со електрична енергија и природен гас (REMIT), нешто што се очекува да биде еден од главните приоритети во следниот период со воспоставувањето на берза на електрична енергија и потребата за подетален мониторинг на пазарните активности во тој контекст.  

Ако се направи споредба на регионално ниво, како стои Македонија во поглед на обработка и користење на податоци во пазарите на енергија и кој е следниот поголем предизвик што треба да го решиме во овој домен?

Можеби е нескромно, но споредено со околните регулаторни тела од регионот, вклучително и од соседни земји членки на ЕУ, во доменот на прибирање и анализа на податоци наменети за регулација на пазарите на енергија сме понапредни. Како што спомнав претходно, имаме развиено и користиме сопствен систем за прибирање и анализи на податоци, нешто што колегите од соседните земји допрва треба да го развиваат или набават. Ваквите софтверски алатки, како и пристапот до референтни бази на податоци во реално време, како Platts, се значително скапи и не многу регулатори во Европа имаат пристап и ги користат. Во рамки на ЕУ регулаторите имаат (доколку исполнат услови од аспект на сајбер безбедност) пристап до базите на ACER, но не сите регулатори имаат капацитет за тоа. Затоа сајбер безбедноста е една од клучните области на кои се обрнува внимание во РКЕ и која претставува тековен предизвик за било која организација.  

 

Дигитализацијата е секако неопходна за да се имплементира и раководи сектор кој користи податоци. Како стоиме на тоа поле - дали можеме да кажеме дека мануелната работа во поголем дел е веќе заменета со алатки и софтвери?

Дигитализацијата е континуиран и присутен процес во енергетскиот сектор. Се разбира има уште многу да се работи, особено на ниво на дистрибутивните системи. Балансирањето на системот, интеграцијата на новите дистрибуирани извори на обновлива енергија, концептот на prosumers (потрошувачи/производители), demand response, промените во понудата и побарувачката како резултат на климатските промени итн.. се базирани на податоци кои се потребни во што е можно пореално време. За да може придобивките да се почувствуваат кај поголем број на корисници потребно е, на пример, кај најголем дел од потрошувачите на електрична енергија да се инсталираат паметни броила (smart meters). Тоа е скап процес кој постепено се одвива и во идниот период е неминовно да добие една позасилена динамика. Една од можните идни насоки за развој во овој домен е да се изгради еден посеопфатен data hub каде што во реално време ќе се вкрстуваат податоците од различни пазарни учесници и оператори на мрежа, и со тоа процедурите за clearing, пресметка на дебаланси, switching и сл. би се одвивале многу побрзо отколку што се одвиваат сега. Тоа ќе ги намали трансакциските трошоци и ќе го направи целокупниот систем многу поефикасен.

 

Велите дека ситуацијата со коронавирусот ве мотивирала слободното време да го искористите за да се надградите во делот на податоци. Со какво предзнаење се пријавивте на обуката Data Analytics for Business Decision Making и каде ја гледате примената од она што го изучувате во вашата работа?

Минатата 2020 година непланирано се создаде вишок време поради ковид пандемијата и дел од тоа време кое претходно ми беше насочено кон меѓународни активности, го реалоцирав кон изучување на Python, R и SQL на платформата DataCamp. Така што, имав одредено предзнаење околу синтаксата на Python и SQL пред обуката Data Analytics for Business Decision Making и тоа ми овозможи поинтересно и побрзо совладување на материјалот. Дел од тоа што го изучувам на оваа обука се користи во мојата организација, а се надевам дека и другите знаења постепено ќе може да се применат во зајакнување на ефикасноста и брзината во обработката на податоците со кои работиме.  

 

Кому би ја препорачале обуката и зошто ја одбравте токму Академијата на Data Masters за надградба на знаењето?

Она што ме привлече кон Академијата на Data Masters е нивниот строг фокус на data science, а конкретно за оваа обука и одличната комбинација на практични модули за Python, SQL и Power BI. Знаете, со текот на времето се научив дека квалитетот е најдобар таму каде што има специјализација, односно не се продава сè и сешто, и според таа логика ја избрав и Академијата на Data Masters. Оваа обука им ја препорачувам на сите професионалци кои работат/користат анализи на податоци и кои сакаат да станат подобри во својот домен на експертиза.