fbpx

„Се гледам како иден инженер по роботика и вештачка интелигенција“

dimitar-dzorlev

Со своите 17 години, Димитар Џорлев има освоено натпревари и достигнувања пред кои можете само да останете импресионирани. Македонскиот гениј за природни науки досега има освоено над 100-тина награди на локално, државно и светско ниво. Во најголем дел тие се по математика, физика и информатика, вклучувајќи и награди од натпреварувања по хемија и астрофизика. Неколку од неговите последни позначајни достигнувања се: освоени златни медали на Интернационалниот натпревар во Астрономија и Астрофизика IAAC 2020 и Интернационалниот математички предизвик IYMC 2019, 2020; апсолутен шампион на Експерименталната олимпијада по физика EPO7; бронзен медал на Јуниорската Светска Олимпијада по природни науки IJSO 2018.

И покрај сето ова, една од првите работи што ќе ви остават впечаток кај него е скромноста. Приватно има и голем број други интереси, на пример поседува талент и за музика, односно долги години свири на пијано, игра кошарка сака да следи и спорт и филмови, а потенцира дека и покрај тоа што ова делува како премногу нешта за еден средношколец, тој сепак наоѓа време да се дружи со врсниците од родната Струмица.

Неговото знаење и талент се толку импресивни и напредни, што беа препознаени од страна на сениорите во Дата Мастерс како потенцијал во кој треба да се инвестира и токму затоа дадовме отворена покана да изучува што и да посака од нашата Академија покриено со целосна стипендија. Димитар со поддршка на семејството одбра тоа да биде Data Science.

Добре ни дојде Димитар. Какви ти се првите впечатоци од светот на Data Science? 

Добро ве најдов. Најпрвин би сакал да Ви се заблагодарам на Вас за искажаната  доверба. Пред да се одлучам за Академијата истражував за Data Science и дознав за нејзините перспективи и дека е професија на иднината. Сега кога почнав да навлегувам во нејзиниот свет уште повеќе се заинтересирав. Веќе месец и половина имаме интензивни предавања и многу сум задоволен.

На натпревари си присутен од многу рана возраст. Кои се твоите најрани сеќавања од љубовта кон математиката односно природните науки?

На натпревари започнав да одам во четврто одделение. Првиот натпревар ми беше регионален натпревар по математика, а моите први контакти со науката се уште во предшколската возраст. Како помал бев многу љубопитен, а во мојот дом има многу книги и енциклопедии и беше неизбежно да влезам во тие води. Постојано нешто ме интересираше и постојано нешто истражував. Уште рано почнав да се интересирам и за информатиката и почнав да изучувам програмски јазици.

Покрај талентот, за да се напредува и да се освојуваат натпревари потребна е поддршка и насочување. Кој е најзаслужен за развојот на твојот талент?

Како најзаслужни би ги спомнал моите родители кои и како мал, а и сега ми даваат огромна поддршка во сè што правам. Кога бев помал во спремањето за натпреварите ми помагаше мајка ми, но сега веќе го правам претежно сам со помош на македонска и странска литература и интернет. Најголем дел од натпреварите се одржуваат во Скопје, па затоа морам често да патувам. Подготовките се напорни, но имам голема среќа што имам апсолутна подршка од целото мое семејство.

Секако активно вложувам во себе преку учество на повеќе кампови, математички и школи по физика кои се одржуваат во Македонија, но и во странство. Пред учеството на олимпијадите тимот на Македонија има редовни подготовки на Природно Математичкиот Факултет во Скопје.

Поради моите големи успеси по повод 11 Декември – денот на градот Струмица од страна на градоначалникот и општина Струмица ми беше доделена наградата “Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” за посебен придонес во науката и образованието.

Постои ли достигнување или награда која особено ти значи?

Горд сум на секој свој успех, на секоја освоена награда, на секој освоен медал. Но, особено сум горд кога сум избран да ја претставувам Македонија на балканските, европските и светските Олимпијади. Секое учество на овие Олимпијади за мене е премногу значајно, а медал на една таква Олимпијада во мене предизвикува едно неописливо чувство. 

Еве некои од нив - бронзен медал на Јуниорската Светска Олимпијада по природни науки IJSO 2018, бронзен медал на Јуниорската Балканска Олмипијада по Математика JBMO 2018, апсолутен шампион на Експерименталната олимпијада по физика EPO7, учество на Европската олимпијада по физика EuPhO 2019, 2020 и Светската олимпијада по физика IPhO 2019, златни медали на Интернационалниот натпревар во Астрономија и Астрофизика IAAC 2020 и Интернационалниот математички предизвик IYMC 2019, 2020.

Како изгледаат подготовките за едно натпреварување? Колку време пред одржувањето започнуваш со спремање и колкав интензитет има тој процес?

Подготовките зависат од типот на натпреварот - колку е натпреварот од повисок ранг толку поинтензивни се и подготовките. За секој натпревар почнувам да се спремам откако ќе помине претходниот. Ако се тие многу блиску се спремам паралелно за 2 или повеќе натпревари и се трудам оптимално да го распределам времето. За Олимпијадите вистински подготовки траат по неколку месеци, односно се бара континуиран тренинг. Можеби најдобро е да се натпреварува во еден предмет, но јас некако не можам да се откажам од ниту една од овие области.

Математиката е прилично стриктна, но сепак е област каде се охрабрува индивидуалниот пристап кон решавање на задачите. Како ова се согледува од страна на комисиите кои ги оценуваат натпреварите?

Да, тоа е и убавината на математиката и природните науки. Да можеш да придонесеш со свој пристап кон решавањето кој за да се изгради потребни се години тренинг. Математиката и математичкиот начин на размислување нудат развој на логиката и логичното размислување и по мене понатаму со тоа може да се решаваат и потешки проблеми присутни во најразлични професии. Комисиите на натпреварите имаат тешка задача со прегледувањето, бидејќи некогаш решенијата отстапуваат од нивните приложени, па тие мора да имаат сосем нов пристап во прегледувањето. Но, најчесто изнаоѓаат начин правилно и коректно да ги оценат и таквите креативни решенија.

Пред да се случи пандемијата, преку натпреварите имаш посетувано голем број на различни земји и запознаено луѓе од различни култури. Кои од нив ти имаат оставено најголем впечаток?

Голема е честа да се претставува Македонија и да се запознаваат луѓе со слични интереси како моите, но искуството на откривање на други земји и култури е неверојатно. Имав можност да ја посетам далечната Боцвана на африканскиот континент. Тоа беше еден далечен свет за мене. Иако имав читано и гледано за животот таму, поинакво е чувството кога тоа ќе се доживее. Истата година бев и во Израел, Латвија, островот Родос во Грција итн. Насекаде запознав луѓе со кои сè уште контактирам благодарение на социјалните мрежи. 

Поради ситуацијата со пандемијата, натпреварите сега се одржуваат онлајн и секако станува збор за сосема поинакво искуство споредено со патувања, запознавање со култури итн. Дали се навикна на овој начин на учество и колку ти недостига начинот на кој претходно се одвиваа натпреварите?

Секако дека не е исто искуството, но и во овие услови сите моравме да се навикнеме. Организаторите се трудат да ги организираат натпреварите и ние натпреварувачите треба да сме благодарни бидејќи не пропуштивме цела година. Вака сите меѓународни Oлимпијади беа организирани online и немаше патување и запознавање со нови земји и луѓе од целиот свет, затоа се надевам дека тоа ќе биде овозможено во блиска иднина и дека ќе се створат сите услови за безбедност.

За успех потребен е талент, но воедно и посветеност и тренинг. Како ти ги комбинираш овие нешта за да ги постигнеш посакуваните резултати?

Секогаш се трудам да учам нови работи и посветено да тренирам и да се спремам за натпреварите кои се пред мене. Тоа е некогаш многу исцрпувачко и тешко, но мене секогаш ме води мојот талент и мојата љубов кон тоа што го правам да стигнам да ги постигнам посакуваните резултати. 

Потенцираш дека роботиката ти е голема љубов и поле во кое сакаш да се насочиш. Како се гледаш себеси во иднина, кои цели и желби би сакал да ги реализираш преку своето знаење и талент?

Јас сум вљубен во физиката, математиката и програмирањето. Затоа ги сакам многу роботиката и вештачката интелигенција и би сакал да се развивам во таа насока. Се надевам дека ќе можам да се едуцирам на универзитет со високо опремени лаборатории и да бидам дел од научно-истражувачки проекти. Се гледам себеси како иден инженер во сферата на роботиката и вештачката интелигенција и би сакал да развивам нови технологии со кои ќе се усовршува живеењето.

Спорт, филм, музика - се дел од твоето секојдневие. Како го поминуваш слободното време и колку е сменето другарувањето со пријателите во време на пандемија?

Уживам додека гледам спорт и кога сум слободен најчесто гледам фудбал или НБА, на кои сум огромен обожавател. Ако е убаво времето честопати одам да играм фудбал или кошарка со другарите или возам велосипед. Тоа многу ме релаксира и смирува. Во слободно време гледам филмови или серии на кои сум голем љубител. Најголем дел од денот го поминувам слушајќи музика, а бидејќи знам да свирам на клавир понекогаш свирам. 

Што е следно за освојување? Кое натпреварување е твоја цел во следниот период?

Во месеците април и мај се одржаа државните натпревари по математика и физика и понатаму македонските олимпијади кои се највисокото ниво на натпревари пред меѓународните олимпијади. Секако сите успешно ги поминав и се пласирав во екипата на Македонија на Европската Олимпијада по Физика 2021, а сега ми претстојат селекционите натпревари за светските Олимпијади по математика и физика 2021.