fbpx

„Податоците се клучот за успехот во секој бизнис“

Александра Коцевска е архетип за личност која обединува голем број на интереси. Професионално, постојано вложува во своето знаење надградувајќи се себе преку различни видови на обуки (вклучувајќи ја Data Analytics for Business Decision Making која ја посетува во моментов во рамките на Data Masters), приватно е вљубеник во културата и пишаниот збор, воедно и спортувањето, а секако тука е и времето за семејството. 

Александра веќе 15 години е член на тимот на НЛБ Банка во улогата на внатрешен ревизор и има големо искуство во банкарскиот сектор. Со неа поразговаравме за нејзиниот професионален и едукативен пат, за предизвиците на новото време и промените во банкарскиот сектор низ изминатите 15 години.

 

Своето детство го имате минато во Словенија, за потоа да се преселите во Македонија. Се сеќавате ли на првите впечатоци од преселувањето во Скопје и колку лесно се аклиматизиравте на новата средина?

Првите години од детството поминати во Словенија, ми овозможија одблиску да ги запознаам природата, планините и културата карактеристични за тоа поднебје и кон нив да создадам посебна љубов, длабоко врежана и до ден-денес. Почетокот на едукацијата во тамошните формални институции, кај мене поттикна стекнување на редовни работни навики и строга дисциплина во сите сфери од животот, вклучително и во сферата на учењето. 

Преселбата во Скопје, на тие млади години, ми дојде како шок од аспект што морав брзо да научам нов јазик, кирилично писмо, а во исто време да стекнам нови познанства и пријателства, кои траат до ден-денес и кои ми го направија полесен преминот кон нова, поинаква средина, како од аспект на културата, така и од аспект на учењето.

 

Судејќи по високото образование кое го имате комплетирано на Економскиот факултет и долгодишната работа во банкарскиот сектор, може да се заклучи дека економските науки се ваша голема љубов. Што е она што ве привлече и задржа во светот на финансиите?

По завршување на средното гимназиско образование, изборот на факултетот од областа на економијата и финансиите дојде многу спонтано и без многу размислување, во насока што економската наука може да понуди избор на различни работни позиции во сферата на бизнисот: од маркетинг, преку финансиска анализа, па сè до спроведување на сметководствени активности и ревизија. 

И навистина сите 4 години поминати на факултетот поминаа многу брзо, со високи резултати, кои надополнети со постдипломски магистерски студии од областа на ревизијата, ми дадоа еден директен импулс на движење кон добри работни навики, кои ги практикувам и денес.

 

Кои се задолженијата и обврските на еден внатрешен ревизор? 

Како внатрешен ревизор во банка секојдневно спроведувам ревизии и проверки на работењето на одреден процес/подпроцес или продукт, со цел издавање мислења и препораки, кои додаваат вредност и ги подобруваат процесите, од аспект на нивно поефикасно и поефективно спроведување, притоа покривајќи ги оперативните и законските ризици на процесот. 

Освен професионалните стандарди за спроведување на ревизија, секојдневно се користат и алатките за обработка на податоци, а често се практикуваат и социјални комуникациски вештини со цел приближување кон бизнис проблемите на луѓето и придобивање на нивна доверба со давање на добри препораки.

 

Бидејќи сте долг период во банкарскиот сектор, како вие гледате на промените што се случија на ова поле во Македонија? Кои се најзначајните промени што се случија во изминатите 15 години, а што останува како предизвик за иднината?

Во последните 15 години сме сведоци на големи промени во банкарскиот сектор, не само од аспект на влегување на странски банки/капитал на пазарот, туку и преку окрупнување на банките, кое според мое мислење ќе придонесе кон понатамошни промени на ова подрачје и потреба од дополнително агилно прилагодување на банките кон предизвиците. 

Притоа, особено мислам на промена на работењето на банките во пристапот кон своите клиенти, подобрувајќи ги досегашните искуства и воведувајќи нови канали на комуникација со постоечки и нови клиенти, како и нудејќи нови и подобри продукти.  Имено, повеќето банки на пазарот веќе понудија електронско и мобилно банкарство преку своите интернет страници и банкарски апликации, кои нудат не само можност за електронско спроведување на основни банкарски трансакции, туку и можност за брз и едноставен пристап на клиентите до банките и до нивните продукти: кредитни картички, кредити, депозити и трансакциски сметки.

 

Податоците во денешно време се клучот на успехот на секој бизнис. На што сметате дека треба да поработат бизнисите во Македонија за да го искористат нивниот потенцијал?

Податоците за клиентите во секој бизнис се клучот за успехот и доколку фирмите сакаат да станат агилни на пазарот и да се прилагодат кон промените кои ги наметнуваат новите трендови на пазарот и притоа да успеат да ги задржат своите клиенти и да привлечат нови, потребно е соодветно да ги искористат своите податоци.

Имено, потребно е секој бизнис редовно да ги обезбедува податоците за клиентите и продуктите, да ги анализира, соодветно структуира, да изработува соодветни податочни и предиктивни модели - со цел предвидување на однесување на клиентите во иднина и при тоа да се донесат нови и посмели бизнис одлуки базирани на истите, за натамошен успех во бизнисот.

 

На ова се разбира се надоврзува и потребата за едукација на кадрите кои треба да се носат со промените. Колку неформалното образование го помага овој процес на континуирана едукација?

Со оглед на тоа што промените се единствениот стабилен сегмент на пазарот, потребно е секоја организација соодветно да се прилагоди кон тие промени, односно да се потруди својата техничка и организациска агилност да ја прошири и кон социјалната и менталната агилност на вработените, секако со обезбедување на дополнителна едукација и обука на вработените во таа насока. 

Токму во овој дел, обуките преку неформалното образование се клучот за успехот.

 

Зошто Вие ја одбравте обуката Data Analytics for Business Decision Making и кому би ја препорачале?

Во последните неколку години моите ревизорски знаења и вештини во делот на користење на Advanced Excel решив да ги проширам во насока на обработка на податоците во други системи, изработка на бизнис/ИТ анализи, изработка на предиктивни модели во IBM SPSS Modeler, за што како врв на истото решив да ја посетувам обуката Data Analytics for Business Decision Making од Data Masters. И не погрешив, на истата се стекнав со подлабоки знаења и вештини од областа на обработка на податоците во Phyton, а останува да го поминеме и SQL, како и презентирањето на соодветни податочни модели и други информативни прикази во Power BI.

Обуката се спроведува на многу високо професионално ниво од страна на повеќе предавачи од Data Masters. Секој час се снима, така што секој учесник има можност да се наврати на материјалот или да повтори некој час, односно дел од часот, за да си ги зацврсти знаењата. Секако ја препорачувам оваа обука на секој кој сака да научи подетално за тоа како се обработуваат податоците во Phyton и SQL и како соодветно се користи Power BI.

 

Приватно имате голем број на интереси со кои го исполнувате времето - пеење во хор, читање книги, пилатес… Колкав предизвик е да се направи баланс меѓу приватното и професионалното во денешно време?

Балансот помеѓу приватното и професионалното секогаш претставува предизвик, но мојата девиза е - ако нешто се сака, не е тешко да се направи. И она малку слободно време кое го имам, жонглирајќи помеѓу професионалните и обврските со семејството, се одлучувам да го исполнам со активни спортски и културни содржини, кои дополнително ми даваат енергија и поттик да продолжам понатаму.

 

Ваш совет за сите оние кои сакаат да го надградат своето знаење во делот на податоци?

Со оглед на тоа што секој ден треба да научиме нешто ново, потребно е постојано да сме гладни за нови знаења и вештини. Само така, стануваме побогати како индивидуи, кои со своите знаења и вештини можат да придонесат во зголемување на вредноста на организацијата во којашто работиме. Со оглед на тоа што податоците се клучни во ова  модерно време во кое живееме, мојот совет е дека токму обработката на податоците треба да биде дел од областа за надградување на знаењата и вештините на секој поединец.