fbpx

„Примената на Data Science веќе наголемо зема замав во научниот и технолошкиот свет“

интервју со давид ставров

Давид Ставров е 17 годишен талент за природни науки со кој можеме да се гордееме на државно ниво и особено ни е драго што беше дел од обуката Data Science for Teens. Ако  го прашате за неговите интереси, една од првите работи што ќе ви ги каже е дека негова „најголема љубов е и отсекогаш била математиката“ и токму таа била причината за тој да започне да учествува на натпревари, освојувајќи сега веќе над 50 сертфикати и дипломи од различни нивоа - од локални и регионални до балкански натпревари и олимпијади.

 

Над 50 сертификати и дипломи доволно зборуваат за твоите успеси на натпреварувањата по природни науки на кои имаш учествувано. Дали се сеќаваш на својот прв натпревар и кога всушност ја забележа својата љубов кон математиката?

Да, се сеќавам. Генерално, откако паметам, ме привлекуваа природните и математичките феномени. Читав и проучував многу за природните појави на Земјата и во Вселената, за астрономијата, а особено ми беа интересни за решавање математичките проблеми. Во основно училиште учествував и освојував признанија и по биологија, по физика, но и по англиски јазик. Општествените науки и дисциплини се исто така привлечно поле на интерес за мене. Но, она што беше пресудно да ми ја зацврсти љубовта и посветеноста кон математиката, најверојатно беше освоеното прво место на општинскиот натпревар во 4-то одделение. Тогаш, на таа возраст, таа награда ми дојде како силна потврда на мојата природна наклонетост кон математиката.

 

Колкава посветеност бара учеството на натпреварите и колку време е потребно за да се подготвиш?

Првенствено треба да се има желба за учество на одреден натпревар, да се почувствува оној дух на компетитивност за освојување на нешто повисоко. Иако времето кое се поминува во "тренинг" е индивидуално, сепак станува збор за посветување на барем 2 до 4 часа дневно и тоа недели или месеци пред натпреварот, во зависност од рангот на самиот натпревар.

 

Бидејќи имаш учествувано на различни нивоа на натпреварувања - тргнувајќи од локални па сè до балкански, дали можеш да направиш паралела на што значи да се подготвиш за учество на државен версус балкански натпревар, како и искуството што го носат со себе?

Според мене, сите натпревари во суштина претставуваат надградување на оној материјал што се изучува во училиште. Степенот и интензитетот на подготовка зависи од рангот на натпреварот, но условно кажано, т.н. "лесни и тешки" задачи и проблеми може да има на секој натпревар. Меѓународните натпревари, олимпијадите, балканијадите итн., бараат имплементирање теореми, леми, конфигурации и други видови на математички знаења и пристапи, кои претежно се изучуваат во други услови - воншколски активности, посебни школи, соработка со професори и напредни математичари и сл. Контиунираното учење и решавање на различни видови проблеми е клучно. 

 

Кој е твојата најголема поддршка за подготовки и натпревари?

Покрај континуираната поддршка од родителите, се разбира битна е помошта, менторството и поддршката која се добива од професорите. На пример, со мојот професор по математика од гимназијата "Алгоритам" како ментор, добивме награди за освоените места од МОН и Град Скопје. Исто така посетувањето на посебна математичка школа, како "School of the future" за мене е од големо значење, како и релациите и позитивните насоки кои се добиваат од официјалните здруженија од областа на математиката, како Сојузот на математичарите на Македонија, здружението "Армаганка" итн. Сепак, морам да издвојам дека една од најголемите поддршки ја добивам од мојот братучед, математичар, кој додека беше во Македонија освои многу домашни и меѓународни награди, а денес го работи својот докторат на катедрата по статистичка математика на Универзитетот во Манчестер.



Која од освоените награди ти значи најмногу, а што е она што би сакал да го освоиш во иднина?

Се разбира, ми значат многу учествата на разните натпревари и признанијата кои сум ги освоил. Сум учествувал и освојувал награди на Иранската Геометриска Олимпијада, освоив сребрен медал на ММО, сребрен медал на МеМО (Медитеранска математичка олимпијада), прво и второ место на Државниот натпревар по физика, особено ми е драг сребрениот и бронзениот  медал на "Меморијалниот натпревар Цане" (на кој се учествува само по покана - 20 ученици од кои 6-те репрезентативци од Србија, а останатите медалисти и репрезентативци од Македонија). Понатаму, Бронзениот медал на ЕМЦ (Европскиот математички куп) и ЈММО, Пофалницата на AПMO - Азиско-Пацифичката математичка олимпијада (што се смета за еден од најтешките математички натпревари, со илјадници учесници). 

Сепак, наградата која за мене има најголемо значење и која ја чувствувам за најдрага е златниот медал на Јуниорската македонска математичка олимпијада во 2019 година, со што се стекнав со пласман на Јуниорската балканска математичка олимпијада во Кипар, на која учествував со ученици од над 15 држави. За мене тоа претставува едно големо искуство кое ќе го паметам како едно од најубавите. Мојот "таргет" за во иднина, во 3-та и 4-та година средно кои ми следуваат е медал на Светската математичка олимпијада, а потоа запишување на студии по математика на некој од врвните светски универзитети.

 

Што е она што те мотивираше да се пријавиш на обуката Data Science for Teens и кои делови од часовите тебе лично ти беа најинтересни?

Терминот Data Science честопати го среќавав и пребарував информации кои можам да ги пронајдам. Главната мотивација ми е да пробам нешто што е тесно поврзано со математика, а да не е баш онаа "чиста", елементарна математика. Премногу ми се допадна курсот во целост, а како најинтересни би ги издвоил часовите на кои изучувавме за Python libraries (Pandas, Numpy, Matplotlib) и фактот што истите можеме да ги користиме за графичко претставување на податоците.

 

Кому би ја препорачал обуката Data Science for Teens?

Обуката Data Science for Teens дефинитивно најтопло ја препорачувам за сите оние ученици кои имаат афинитет и интерес за математиката, програмирањето и сродните дисциплини. Посебно поради фактот што Data Science претствува нешто што ќе биде некаков "мејнстрим" во блиска иднина. Примената на Data Science веќе наголемо зема замав во научниот и технолошкиот свет и сè повеќе ќе станува применлива и интересна во годините кои доаѓаат. Дефинитивно нешто што има "bright future", ако може така да се изразам.



Кон што би сакал да се насочиш во иднина, односно дали веќе имаш идеја што и каде би сакал да студираш?

Студиите кои ќе ги изберам најверојатно ќе бидат во насока или во тесна поврзаност со статистика и applied mathematics, а како универзитет ќе таргетирам да се запишам на некој од првите 100 рангирани во светот според Шангајската листа (со намера да влезам и во првите 20 - ќе учам и ќе работам да го достигнам тоа).

 

Што е со твоето приватно време - кои нешта ти значат и на што се фокусираш кога не си посветен на учењето и натпреварите по математика?

Лично сметам дека покрај менталното, и физичкото надградување е исто така многу битно - по принципот "здраво тело и здрав дух". Затоа најмалку четири пати неделно тренирам во теретана, возам велосипед и правам различни видови други вежби, за кои сметам дека ми помагаат во концентрацијата која треба да се достигне при решавањето на математичките проблеми. Покрај спортувањето, поминувам време и во следење на различни области на Интернет, во гејминг, а во последно време ме интересираат алгоритмите на криптовалутите, математичките функционалности на Берзите и сл.

 

Што би ги советувал своите врсници, како и помладите со талент за математика и желба за натпреварување?

Најпрво, во ова време на глобална пандемија, на сите би им препорачал да бидат одговорни и да внимаваат на своето здравје и на здравјето на најблиските. Сите оние кои имаат интерес, желба, склоност кон математика и природните науки, да бидат храбри и да се нафатат на упорно учење и совладување на нови научни предизвици секојдневно, да бидат секогаш компетитивни со натпреварувачки дух, но и со другарско расположение и желба за дружење и разменување на искуства. Многу работа, многу учење, многу посветеност. Секогаш позитивно да ги истакнуваат својот ум, својата интелигенција, својата упорност и своето знаење. На крај би се пошегувал - како што велат во една популарна ТВ серија: "Smart is the new Sexy!"