fbpx

Употребата на Deepfake во уметноста и филмската индустрија

Што го сочинува идентитетот на една личност? Изглед, фацијални изрази, глас, движење на тело и секако карактерните особини. Ако ова се смета како уникатен печат, постои технологија која ја става уникатноста на човекот на тест, барем она што се гледа како надворешен идентитет. Станува збор за Deepfake технологијата, односно можноста со примена на вештачка интелигенција да се пресоздаде (или фабрикува) лик, како и глас на личност, која во изминативе неколку години е предмет на големи дискусии и е поврзана со контроверзи. 

Оваа технологија нуди многу можности, но истовремено е контроверзна затоа што шансите да нанесе штета, како и да биде злоупотребена се големи. Всушност тоа веќе се случува, доказ за тоа е што на интернет можете да најдете безброј видеа во кои познати личности се претставени преку Deepfake, а веројатно меѓу најпопуларните се оние со Доналд Трамп, Марк Закерберг, Том Круз. Ризикот за лажно ширење пропаганда, наштетување на репутација и погрешно наведување на јавноста е огромен, што ја покажува проблематичната страна на оваа технологија.

Deepfake воедно несомнено е уште еден показател за моќта што ја има машинското учење. Наједноставно речено, колку повеќе видео материјали и фотографии од одредена личност се достапни толку и пореалистичен ќе биде ефектот на Deepfake. Поради својата популарност, славните личности од типот на политичари, музичари, актери се премногу експонирани и во денешно време можете да најдете еден куп на видео материјали и фотографии со нив, па оттаму не изненадува што токму тие се најчесто мета на Deepfake.

 

Употребата на Deepfake во уметноста

Deepfake од позитивната страна нуди многу можности во делот на филм, уметност, музеи. Еден од најдобрите примери за тоа е „оживувањето“ на шпанскиот уметник Салвадор Дали, инсталација поставена во рамки на музејот Дали во Флорида. За да се постигне ефектот потрошени се 1.000 часови на машинско учење со цел да се истренира AI алгоритмот за да го реплицира движењето на телото и изразите на лицето на Дали. Потоа изразите на ликот биле аплицирани врз актер со слична телесна градба како онаа на Дали, додека друг актер го има позајмено гласот. Целиот перформанс е изведен така што Дали зборува за својата уметност со посетителите, но воедно и кога некој сака да замине прашува дали посетителот сака со него да направи селфи.

Посетителите ја опишуваат инсталацијата како надреално искуство и ова е веројатно показател за тоа како во иднина ќе изгледаат музеите кои преку оваа технологија можат да „оживеат“ историски личности, филмски и музички ѕвезди, нудејќи едно уникатно искуство.

 

Тука се и можностите за „оживување“ на познати слики. Одличен пример за тоа се сликите со Мона Лиза и Девојката со бисерна обетка кои во 2019 година од страна на центарот за вештачка интелигенција на SAMSUNG во Москва беа обработена преку deepfake за да се согледа вистинската личност која е инспирација за приказот на платното.

Филмска индустрија

Во филмскиот свет Deepfake наоѓа сè почеста примена. Ако се земе предвид дека првично постојат голем број на ѕвезди кои може да „оживеат“ и да бидат дел од филмски серијали децении после својата смрт, но и за да се збогати и долови приказната, може и да се согледа зошто постои толку голем интерес за истата. На пример, со примена на оваа технологија крајното соочување во култниот филм на Дејвид Финчер „Fight Club“ помеѓу нараторот и Тајлер Дурден би можело да добие уште поголем ефект.

Друга причина за нејзина примена е што за жал филмскиот свет бил погоден од трагедии кога актери го губеле животот среде снимање (Брендон Ли за време на снимањето на „The Crow“, Хит Леџер за време на снимањето на „The Imaginarium of Dr. Parnassus“) или пак починале пред да успеат да го снимат следното продолжение или да доснимат сцени (Пол Вокер за време на снимањето на продолжение од франшизата „Fast & Furious“…) , но воедно и се дел од филмски серијали (Шварценегер во Терминатор, Сталоне во Роки…) кои траат со децении и постои потреба да се претстави нивниот помлад изглед поради самата приказна.

Еден од најдобрите примери за употреба на технологија која го подмладува актерот е онаа употребена во „The Irishman“. Критиките на резултатот главно беа насочени кон тоа дека иако е постигнат ефектот на подмладување на ликот на актерите, сепак актерите се постари личности и се чувствува дека нивното движење наликува на годините што ги имаат. Но, сепак и ова е чекор напред кон постигнување на ефектот на подмладување во филмовите.

Во оваа насока се споменува и можноста во кастинг актери да почнат да се вметнуваат личности кои се одамна починати, како што е Џејмс Дин, што отвора нова проблематика од типот на колку е етички да се направи такво нешто и како би изгледале правните спорови доколку некој режисер одлучи да вметне почината ѕвезда во свој филм.

Филмски ѕвезди од иднината

Постојат прогнози дека со усовршување на Deepfake технологијата, филмската индустрија може да стигне до ситуација кога режисерите буквално ќе ги креираат актерите со лик, глас и движење на тело какво што замислиле. Ова ќе им ги намали трошоците за најмување на актери, но од друга страна ќе ја загубат привлечноста и можностите што сам по себе ги носи ѕвездениот статус. 

Износот на ангажман по филм на ѕвезди како Бред Пит и Леонардо ДиКаприо стигнува и до 20 милиони долари, но таа цена се должи и на нивниот ѕвезден статус, односно многуте обожаватели кои сакаат да ги видат филмовите во кои се тие. Воедно глумењето се сведува на талент за трансформација што е ценета професија и невозможно е да биде збришана од технологијата, но стои како можност која има практична примена за креирање на специфични ликови и само времето ќе покаже до кое ниво ќе стигне усовршувањето на deepfake во филмскиот свет.