fbpx

Дарко Малиновски – студент на обуката за Анализа и визуелизација на податоци преку Python

 
Здраво Дарко, ќе може ли да ни раскажеш нешто повеќе за себе, кој е Дарко? Што работи?

Во моментов сум студент во Институтот за комуникациски студии (ИКС), каде и работам примарно на развој и одржување на веб-страниците, но и на други проектни задачи, инаку сум дипломиран правник :). Слободното време најчесто го поминувам со велосипед на планина, или пак слушајќи убава музика. :) Инаку, и покрај фактот што сум дипломиран правник, отсекогаш имав пасија за електроника и информатички технологии, па за мене не е чудо што завршив на овој курс.

Како се одлучи да се запишеш на обуката Анализа  и визуелизација на податоци преку Python?

Во курсот за анализа на податоци со Python видов шанса за развој на своите вештини за програмирање, но и простор за воведување на нови истражувачки методи во работата.

Кои се најголемите предизвици со кои ти се соочи при изучување на вештините кои се нудат на оваа обука?

Иако немам формално образование во областа и имам мало искуство со програмирање, немав поголеми проблеми да ја совладам обуката. Она што го забележав е дека домашните задачи навистина ни помагаа во зацврстување на вештините од обуката - па така, во случај да задоцнев со задачите, потешко ми беше да „фатам чекор“ со новиот материјал.

Што најмногу те исполни на оваа обука?

Би издвоил две работи. Прво, оваа обука ми покажа дека никогаш не е доцна да се научи нова вештина, како обработка на податоци со Python, која е навистина барана на пазарот. Второ, имав задоволство групата да биде менторирана од Катерина Јангеловска, која ни посвети многу внимание и ни помогна вистински да ја разбереме логиката позади редовите код кои ги куцавме, а истовремено беше трпелива за сите наши прашања.

Како би го имплементирал наученото во твојот бизнис домен? 

Python и неговите библиотеки нудат голем потенцијал за анализа на податоци и нивна визуелизација, што сметам дека ќе ни користат во академските истражувања кои ги извршува ИКС, но и на истражувачките стории кои ги објавуваме на нашите платформи. Python овозможува навистина лесно да се лоцираат и визуелизираат корелациите помеѓу различните категории во сетот на податоци.

Имаш некој совет или порака што би сакала да ја споделиш со некој кој сака да нaвлезе во светот на Data Science?

Обуката овозможува вештини кои ќе ви помогнат да донесете заклучоци врз база на податоци. Оттука, овие вештини се применливи без разлика дали сте менаџер на некој бизнис, истражувач, или пак само сакате да добиете нова перспектива на data-driven светот околу вас.

Затоа, без разлика на нивото на технички вештини кои ги имате, доколку сакате да „скокнете“ во светот на Python, ова е обуката за вас.