„Би сакала да правам научни истражувања“

емилија николовска

Емилија Николовска е голем вљубеник во природните науки. За себе вели дека љубовта кон астрономијата во детството ја има поттикнато потоа уште подобро да го запознае светот на физика и математика (иако има одлични успеси и по хемија, англиски и германски јазик). Првата освоена награда на локалниот натпревар во родниот Охрид уште во четврто одделение, било само навестување за успехот што следи. Од тогаш Емилија редовно учествува на натпревари по природни науки и освојува медали.

Меѓу нив се вбројуваат прво место на државниот натпревар по физика, сребро на македонска јуниорска математичка олимпијада, а воедно била и дел од тимот на Македонија кој на Интернационалната јуниорска олимпијада одржана во Катар освои бронзен медал.

Нејзиниот талент беше препознаен од одговорните на Дата Мастерс Академијата и особено ни е драго што Емилија прифати стипендија и стана дел од првата генерација што ќе изучува Data Science for Teens

 

Љубовта кон природните науки кај тебе ја има поттикнато астрономијата. Како изгледаа тие почетоци и дали се сеќаваш на првиот натпревар на кој имаш учествувано?

Да, уште како мала сакав да одам во вселената и да ја истражувам, но за првпат со натпреварите се сретнав во четврто одделение, кога учествував на натпреварот по математика, каде на училишниот, општинскиот и регионалниот натпревар имав прво место. Така во мене се јави желбата за уште поголемо учење, работа и напредок.

 

Во најголем дел се натпреваруваш во математика и физика и несомнено успехот на нашите млади таленти во светски рамки ве прави да бидете најдобри амбасадори на Македонија. Како изгледа интересот во нашата држава на овие полиња (математика и физика) помеѓу врсниците на твоја возраст и колку е голема конкуренцијата на натпреварите?

Од мое искуство, децата не се многу заинтересирани за натпреварите, а многу имаат потешкотии и со самите часови на училиште. Како што поминуваат годините, многу од моите врсници се откажуваат од целиот напор, кој е неопходен за успех. Јас лично, не гледам на натпреварите како обврска, туку како предизвик да научам што повеќе и тоа да го покажам, бидејќи знам дека трудот ќе се исплати.

 

Зад себе имаш голем број на медали и достигнувања, но дали има некои кои би можела да ги одвоиш по значењето што го имаат за тебе?

За мене еден од најголемите успеси е мојот бронзен медал на Интернационалната олимпијада по природни науки, која се одржа во Катар во 2019 година, како и бронзениот медал на Европската женска математичка олимпијада во 2021 година. Најскорешна е мојата пофалница на еден од најтешките натпревари по физика, а тоа е Европската олимпијада. Покрај нив имам сребрени и бронзени медали и на македонските олимпијади: ЈММО и ММО.

 

Една од убавините на натпреварите надвор од Македонија е посетата на различни земји и запознавање со култури. Кое натпреварување ти има оставено најголем впечаток и колку пандемијата ги промени натпреварите?

Најголем впечаток ми остави Олимпијадата по природни науки во Катар, кога за првпат бев во нова држава заедно со мојот тим. Таму се запознав со друг начин на живот, друга клима, патување и запознавање на врсници од целиот свет. За жал, веднаш наредната година започна пандемијата и сите олимпијади се одржуваа од дома или од Природно-математичкиот факултет, а некои и беа одложени. Можеби така имав повеќе време за да се посветам на повеќе натпревари, но сепак многу ми е криво за патувањата кои не се одржаа и се надевам дека наредните години ситуацијата ќе се поправи и повторно ќе учам за да бидам дел од тимовите на интернационални олимпијади.

 

Колку време е потребно да се подготвиш за еден натпревар и што всушност е дел од подготовките за натпреварите?

Не е лесно да се учествува на натпревар и да се има успех. Но, по доволно желба и работа, трудот се исплаќа. Моето слободно време го користам продуктивно, излегувањето и гледањето филмови ги балансирам со решавањето задачи и проблеми од областите на математиката, физиката, програмирањето и хемијата. Треба да се поминат многу претходни тестови, не само од нашата земја, туку и српски, хрватски, различни литератури. Сепак, кога веќе една задача ќе се реши, наредните како поток течат по неа и дури човек заборава колку време поминало.

 

По завршувањето на основното образование во Охрид, сега си дел од Математичко-информатичката гимназија во Скопје. Каков е придонесот на средното образование во сегашните твои подготовки и напредокот во знаење?

Оваа година, со оглед на тоа што наставата се одвиваше електронски, не беше лесна. Подготовките во мојата гимназија се одвиваа преку различните платформи, но сепак професорите дадоа сѐ од себе за да ни помогнат во секое време. Исто така за првпат речиси целото мое одделение учествуваше на натпреварите по математика и информатика, а тоа кај мене предизвика уште поголема желба за надоградување на знаењата и натпреварување.

 

Посочуваш дека неправилниот пристап при предавањето на природните науки придонесува истите да се перцепираат како здодевни и тешки. Што е она што треба да се промени во образовниот систем за да се поправи ова?

Да, мене ми е многу криво дека толку малку деца се заинтересирани за овие области, кои според мене, се клучни за иднината на човештвото. Има многу интересни теми во математиката и физиката, многу неодговорени прашања и мистерии кои го тераат човек да размисли и да истражува. Знаеме многу мал дел од вселената и космосот, па е незамисливо што сѐ друго може да има. Учениците најчесто се заинтересирани само за добра оценка, но и наставниците и професорите немаат доволно знаење и желба истото да го предадат. Експерименти на училиште речиси никогаш не се прават, а лекциите обично се монотони, не се поставуваат прашања кои се предизвикувачки и поттикнуваат на размислување, а проектите се само препис од различни веб-страни и ретко вистински истражувања. 

 

Велиш дека чувството кога го добиваш медалот е незаменливо. Колку тебе ти значи тоа што си амбасадор на Македонија на светски натпревари?

Кога медалот ќе го добиеш околу вратот, се чувствуваш како да си победил, без разлика дали е злато или бронза. Аплаузот кој е наменет само за тебе од илјадници други натпреварувачи и ментори е нешто кое не може лесно да се опише, освен ако не се искуси. Исто така како мала и не многу позната држава, мене ми е чест луѓето од целиот свет да ја запознаат Македонија во добро светло преку нашите успеси.

 

Присуството на натпреварите секако влијае и врз создавање на пријателства. Колку се присутни дружбите помеѓу натпреварувачите и дали си помагате при подготовките?

Можам слободно да кажам дека дел од моите најдобри другари и другарки ги запознав токму на натпревари, едукативни кампови и подготовки. Науката е она што нѐ поврзува и секогаш имаме некоја нова тема за дискусија и дебата. Сметам дека ние помеѓу себе се надоградуваме, си помагаме и уште повеќе си пружаме поддршка еден на друг, бидејќи сите знаеме што значи подготовките за натпревари, но и стресот што тие го носат.

 

Имаш прекрасни амбиции за иднината – Оксфорд, Кембриџ, МИТ… Што е она што би сакала посветено да го изучуваш во иднина?

Сѐ уште е рано да размислувам за што точно би сакала да учам, но засега мислам дека би продолжила во областите на физиката кои ги користат математиката, иформатиката и хемијата. Би сакала да правам научни истражувања, да одам на експедиции, да го откријам неоткриеното и да решавам нерешени проблеми и феномени во природата за кои до денес нема одговор.

 

Твој совет за оние кои размислуваат да се насочат кон натпревари по природни науки…

Би им препорачала на сите да пробаат и да учествуваат на тоа што мислат дека најмногу ги привлекува, но да не ги гледаат натпреварите како обврска, туку како можност за нови знаења, искуства, пријателства, незаборавни моменти, патувања и нови отворени врати во иднина. Понекогаш размислувам што ќе правев ако не се натпреварував и сфаќам дека така ќе пропуштев многу.

Интервјуа со нашите студенти